Четврти степен на готовност
28.04.2009 18:00
Македонија го подигна степенот на готовност како заштита од новиот опасен тип на вирус. На скопскиот аеродром пристигнаа првите патници од САД. Во наредните 10 дена патниците кои се вратија од ризичните земји ке бидат под медицински надзор. „Во Виена никој не не праша ниту од кај доаѓаме, ниту пак има контрола. Нема ниту ракавици, ниту вакви маски како што вие имате. Од кои причини јас не знам“. „Во Њујорк е се добро. Немаше никаков проблем. Има некои случаеви некаде. Никаде немаше ништо. Доаѓам од Виена сега“, велат анкетираните патници. Меѓу нив беше и Македонската делегација што деновиве престојуваше во САД. Министерот Славевски и вицепремиерот Ставревски поминаа низ лекарската контрола. „Во Америка најмногу има во Њујорк. Една група на ученици, студенти, дваесетина се заразени. Препораките се слични на ова што Владата го прави, во насока на, пред се, контрола на патниците, затоа што со современите средства на летање, лесно се распространува болеста“, изјави Ставревски. „Буџетот на фондот за здравство располага со средства доволни да одговори на секој предизвик, а мислам дека подготовките што беа направени за птичјиот грип, и во светот и во Република Македонија можат да користат во оваа пригода“, изјави Трајко Славевски. На скопскиот аеродром медицински екипи ги контролираат патниците. Иако светот е во четврти степен на готовност, во Македонија засега нема сомнителен случај.
„Од 13 часот до сега, поминаа 42 патника на аеродромот Петровец во Скопје, од кои 24 пристигнаа од Америка, 12 од Шпанија, и шест од Канада. Кај сите е направена здравствена контрола. Сите се дојдени здрави, без клинички знаци на заболување. Ставени се под здравствен десет дневен надзор здрави “доктор Биљана Даниловска, епидемиолог - ГЗЗ. Многу македонски студенти во моментот се на апсолвентска екскурзија низ Европа. Нашите експерти апелираат на претпазливост. „За сите што се веќе на екскурзија, да не одат, сигурно тие ќе одат по кафиќи, дискотеки, да не се мешаат таму со населението. Повеќе да бидат во автобусот, ако се во автобуси, и да седат во хотелите или на отворен простор“, рече Јованка Костовска, комисија за заразни болести. Македонија засега има залихи од лекот тамифлу за 4.000 луѓе, но ке се обезбедат уште 100 до 200.000 дози. „Би сакал да ги успокојам и граѓаните, и населението, дека засега не се очекува, такво ширење и таква динамика, меѓутоа никогаш не се знае“, изјави Жарко Караџовски, епидемиолог - РЗЗЗ. Комисијата за заразни болести која заседава секојдневно подготвува оперативни планови доколку дојде до вонредна состојба. Во случај ситуацијата да стигне до шестиот и најопасен степен се подготвуваат планови за кремирање на починатите. Утре се враќа и министерот Османи од Турција со најновите препораки од СЗО.
|