Грција го признала македонскиот јазик пред 85 години
22.07.2007 00:00
Во 1920 година грчката Влада во официјални државни документи признава дека во Грција живеат Македонци. Во пописот на населението, организиран од Атина, под притисок на Друштвото на народите, во посебна графа означена на грчки и француски јазик, различна од графите за бугарски и српски јазик се попишувало населението што говорело македонски. Официјалните резултати не биле никогаш објавени, а најголемиот дел од пописната документација била уништена исто како и копиите на кириличното издание на букварот, наменет за македонските деца во 1926 година. Сепак, дел од пописните материјали се сочувани од страна на грчки историчари. Пописниот документ на кој јасно се гледа дека македонскиот јазик бил дел од грчката владина политика е реобјавен во второто проширено издание на „Абецедарот“, промовиран пред два дена во Овчарани, леринско, од партијата „Виножито“. „Повеќето не знаат дека во 1920 година има таква информација, дека во тој попис луѓето се прашувале за мајчиниот јазик. Тие делови што се однесувале на пописот за Македонија никогаш не биле публикувани“, изјави Димитриос Литоксоу, „Виножито“. Дел од пописната документација на која се гледа дека две децении пред Тито, Грција го признала македонскиот идентитет, пред година и пол биле доставени до преговарачот до грчко-македонскиот спор за името Метју Нимиц. Според дипломатски извори на А1, овие историски факти го натерале Нимиц во претпоследниот предлог за името да го смени ставот и во последниот предлог да предложи поповолно решение за Македонија, кое беше веднаш отфрлено од Атина.
|