Предавање за Мисирков одржаа претставници на Македонците од Бугарија
31.10.2007 00:00
 | | Крсте Петков Мисирков | | | |
На денешното предавање на професорот Стефан Влахов Мицов на универзитетот ФОН гостуваше Ѓорѓи Христов, уредник на „Народна волја“, списанието на македонците од Пиринска Македонија кое излегува во Благоевград. Јан Пирински, како што гласи псевдонимот на Христов, на студентите денеска им го раскажа историјатот на весникот чии основачи и новинари биле прогонувани од специјални служби на бугарските власти, судовите и обвинителството, но и сега кога тоа веќе не се случува, тие се револтирани од антимакедонската кампања што се води во Бугарија. Ѓорѓи Христов и се заблагодари на фондацијата „Рамковски“ што му овозможи да дојде во Македонија и да ја запознае овдешната јавност со целите и дејноста на списанието „Народна волја“, кое се бори за зачувување на јазикот и културата на Македонците во Пиринска Македонија. „Борбата што треба да се води за почитување на човековите права и слободи на секој во светот, онака како што го дефинираме македонскиот патриот, филолог и историчар Крсте Петков Мисирков, чие дело го чествуваме заедно со фондација „Рамковски““, изјави Ѓорѓи Христов, уредник на „Народна волја“. На денешното предавање, професорот Влахов Мицов се задржа на позициите на Крсте Мисирков и Григор Прличев, во светло на формирањето на македонскиот национален идентитет. „И двајцата се олицетворение на различни етапи во стремежот на Македонците за идентитет“, рече Стефан Влахов Михов, универзитетски професор. Во месецот на Мисирков предавања на ФОН ќе одржат истакнати познавачи на делото на Крсте Мисирков од Македонија и од странство.
|