Одбележана 82-годишнината од смртта на Мисирков
26.07.2008 20:55
 | | Крсте Петков Мисирков | | | |
На денешната 82-годишнина од смртта на големиот Крсте Петков Мисирков, втемелувачот на македонската нација, историја и култура, пред неговиот споменик на плоштадот Пела во Скопје се поклонија и положија свежи цвеќиња основачот на фондацијата „Рамковски“, Велија Рамковски и претставници на Фондацијата, потомци на семејството на Мисирков, академиците Блаже Ристовски и Боро Митриќевски, претставници на Владата, на министерствата за култура и за образование, на политичките партии ДОМ, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ на чело со претседателката Радмила Шеќеринска, граѓани и студенти. Академик Блаже Ристовски потсети на значењето на Мисирков за македонската државност и култура и изрази надеж дека ќе се стекнат услови и неговите мошти да бидат пренесени во татковината. „Тоа е наша должност спрема нашите предци, спрема нашите идоли, спрема личностите што ја задолжиле нашата историја. овој наод треба да им даде достојна почит“, изјави Блаже Ристовски, академик. „Она што е најважно е дека Мисирков е присутен меѓу нас, дека неговите идеи и идеали живеат во денешна република Македонија, но исто така и неговите предупредувања. Сето она што се направи со промовирањето на Мисирков во овие две-три години, навистина е добро, треба да продолжи и да го консолидираме македонизмот“, рече Влатко Ѓорчев, пратеник. И во Фондацијата „Рамковски“ постои идеја за на моштите на Мисирков. „Ние неодамна контактиравме со внукот на Крсте Петков Мисирков и му ја изнесовме таа идеја. Тој сакаше да се консултира со другите членови на неговото семејство, меѓутоа работите можеби потешко ќе одат со државата Република бугарија, но не се откажуваме во секој случај“, вели Георги Барбаровски, претседател на Фондација Рамковски. Крсте Мисирков е најкомплетниот и најкомплексен македонски славист, основоположник на македонскиот литературен јазик и кодификатор на фонетскиот правопис. Тој начелата на македонизмот ги преточи во своето епохално дело „За македонцките работи“.
|